5000 предмети во Управен се чуваат во фиоки?! Претседателот Сејдини вели ова се тенденциозни невистини

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Над 5 илјади предмети се чуваат во фиоките на Управен суд и не се пратени за жалба при Вишиот управен суд, а десетици предмети од „Царина“  исчезнале и никој не презема одговорност за тоа. 

За ова пишува порталот „Сведок“, кој како што тврди во овој суд се случува вистински скандал, а судството спие.

„Откако Царината пријавила во Судски совет, а нешто слично констатирала и Надзорна комисија од Министерството за правда пред две години, дури сега, пред Нова Година, комисија од Советот што ја предводела битолската судијка Мери Радевска,  била во контрола и во извештајот ги навела сите судии со име и презиме кои судат во одделот Царина, чии предмети исчезнале, не биле испратени по жалба со години, а откриен е и значаен број на предмети, царински прекршоци, кои застареле кај судиите во овој оддел“, пишува порталот Сведок.

Воедно се вели дека во документите испратени од Судот, до Советот, а потпишани од претседателот, биле констатирани многу недоставени одлуки, па правеле обиди бројот да се сведе на минимум. Па, така од ноември 2018-та од над 5 илјади жалби во работа со континуирано спроведените акции во кои фокус беа токму комплетирање и доставување на предметите до Вишиот управен суд, денес бројот на недоставени предмети до надлежниот суд се сведени под 1.500 предмети.

Сепак, вакво нешто негира претседателот на Управен суд Бурим Сејдини.

„Многу жалам и категорично негирам дека објавувачот на информацијата ги контактирал службите на Управниот суд за ова прашање. Немало никаков контакт, никаков вид извор кој е искористен за илустрација на реалната состојба, како што правите вие“, изјави Бурим Сејдини – претседател на Управен суд.

Првиот човек на Управниот суд децидно го отфрли и обвинувањето дека одредени предмети „исчезнале“. 


„Тоа не е вистина. Станува збор за барање на Царинската управа до Судскиот совет, потоа адресирано до нас, со кое се бара правосилност на 425 предмети. Ние одговоривме на вкупно 415 предмети со клаузула за правосилност, а десет случаи се во постапка. Меѓутоа што се случува? Се работи за предмети кои беа избрани во 2008 година, односно од 2008 до 2012 година. Нормално дека тешко во 120 илјади предмети да се најде предмет за да се потврди неговата правосилност. Ќе треба да се види дали им се доставени на странките, дали се исполнети законските услови со цел да се утврди правосилноста“, додава Сејдини.

Заменик-претседателот на Судски совет, Миљазим Мустафа, ваквите вести ги нарече шпекулации, додавајќи дека ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем.

“Како заменик-претседател мислам дека е тенденциозно и невистинито. Некои псевдо-портали имаат лоши намери (црни намери) и сакат да постигнат лоши цели за судството со ова и да ја намалат довербата на граѓаните во судството. На првото следно заседавање на Судскиот совет ќе се разгледаат ваквите информации и ќе се побара одговорност, по што јавноста ќе биде известена подетално во однос на овие шпекулации“, вели Миљазим Мустафа – заменик-претседател на судски совет.

Во Управен суд во моментов има околу 1.600 предмети кои не се пратени до Вишиот суд, за кои претседателот на судот вели дека 80% од нив се од минатата година. Додава дека во фиоките на институцијата со која раководи нема недоставени предмети постари од две години.