На 26 јули 1963 година, во 05:17 часот, Скопје беше погодено од разорен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала. Во катастрофата животот го загубија 1.070 лица, околу 3.000 беа повредени, а повеќе од 200.000 граѓани останаа без домови откако илјадници објекти беа урнати.
Трагедијата предизвика голем бран на меѓународна солидарност. Десетици земји испратија помош за обновата на градот, а и Обединетите нации се вклучија во поддршката на Скопје.
По природната катастрофа, Скопје беше повторно изградено.
Шест децении подоцна, на 63-годишнината од земјотресот, во Старата скопска чаршија беше откриена спомен-плоча посветена на полскиот урбанист Адолф Циборовски, кој дал значаен придонес во зачувувањето на оваа историска зона по земјотресот.
„Спомен-плочата што денес се открива е израз на благодарност за овој придонес. Таа му оддава почит на професионалец чија визија влијаеше врз начинот на кој беше замислен урбаниот развој на Скопје по земјотресот и врз зачувувањето на елементите кои и денес го сочинуваат историскиот идентитет на градот“, изјави градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, како и внуката на Циборовски, Јулија Циборовски.
„Според зборовите на мојот татко, околу новото Скопје се разви град кој продолжува динамично да расте, додека Старата чаршија станува простор каде се среќаваат музиката, културата и историјата. Како што велеше професорот Адолф Циборовски, историјата треба да служи за создавање модерна иднина“, истакна Јулија Циборовски.
63-годишнината од катастрофалниот земјотрес беше одбележана и со положување цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот на гробиштата во Бутел.
Во Музејот на Град Скопје беше отворена изложба со наслов „63 години – Скопје ’63“, а вечерва во Градскиот парк ќе се одржи концертот „Скопје, радост моја“.
