Министерството за јавна администрација промовираше Практичeн водич за комуникација и обезбедување услуги за лицата со оштетен слух

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев го промовираше Практичниот водич за комуникација и обезбедување услуги на лицата со оштетен слух, направен на иницијатива на министерствот, со цел да се придонесе кон подобра комуникација меѓу институциите и лицата со оштетен слух и кон полесен и поеднаков пристап до јавните услуги. Водичот е изработен од Даниела Дичовска, лиценциран толкувач на знаковен јазик, со практични насоки за административните службеници во нивната секојдневна работа.

„Јавната администрација е тука за сите граѓани. А тоа значи дека секој граѓанин, без разлика на своите потреби и предизвици, треба да може да добие информација, услуга и помош на начин што му е разбирлив и достапен.“, порача министерот Минчев на денешната промоција.

Како што нагласи Минчев, кога зборува за реформа на јавната администрација, не се работи само за закони, процедури и институции. „Зборуваме за луѓето. За тоа дали еден граѓанин ќе може да добие навремена информација и дали ќе може рамноправно да ја оствари својата услуга. Нашата задача е да ги отстрануваме бариерите, а не граѓаните да се приспособуваат на бариерите на системот“, нагласи министерот за јавна администрација.

На промоцијата присуствуваа Снежана Трпевска, национална координаторка за лица со попреченост при Владата на Македонија, Сузана Стојановска, претседателка на Дневен центар „Доза среќа“ и Благица Димитровска, претседателка на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.