„Како да држиме моливи, кога професорот држи оружје?“, “Сакаме да се едукуваме, не да се злоупотребуваме“, „Бараме соодветна казна“. Ова се паролите со кои учениците од Средното училиште „Ибрахим Темо“ во Струга излегоа на протест пред Основниот суд барајќи правда за нивниот соученик кој вчера беше нападнат од професор со железен боксирач.
Велат дека се собрале пред судот за да побараат правда, истовремено повикувајќи да се стави крај на насилството, бидејќи, како што тврдат, не се чувствуваат безбедно.
„Ние како Ученички парламент го организираме овој протест во знак на солидарност за нападот врз нашиот пријател, ученик од училиштето „Ибрахим Темо“ и со тоа сакаме да го кренеме гласот на учениците, барајќи ги нашите права и сигурност на училиште, за да не стравуваме кога ќе дојдеме тука. Едноставно да се чувствуваме безбедно“, вели ученичка.
Директорката Бесиме Јонузи, вели дека професорот неколкупати бил казнет и предупредуван за насилство врз ученици, но како што додава, тој не ги земал предвид опомените. За вчерашниот случај е суспендиран од работа.
„Професорот во мое присуство навреди колешка. Му се обратив на професорот и му реков – те молам денеска да си заминеш, слободен си од работа, бидејќи се сомневав дека може да се случи нешто. Во моментов кога ја пишував одлуката за суспендирање, од мојата канцеларија слушнав викотници и кога се симнав доле, професорот беше затворен во кабинетот по англиски јазик, учениците беа насобрани да влезат и да го нападнат професорот. За среќа со помош на колегите успеавме да ги задржиме учениците додека да дојде полицијата“, вели Бесиме Јонузи.
Основниот суд во Струга му одреди притвор од 8 дена и се работи на целосно расветлување на случајот.
„Поведовме постапка против 57 -годишен професор од Струга, за кого постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело Насилство. Осомничениот на 23.12.2021 година околу 12:30 часот, со боксирач удрил во пределот на главата на оштетениот ученик на возраст од 18 години. Физичкиот напад следел по кратка вербална расправија на осомничениот професор со мајката на оштетениот ученик. Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Струга достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена“, велат од обвинителството.
Учениците денеска во знак на револт ја бојкотираа наставата. Нападниот ученик од струшкото село Велешта од ударот се здобил со повреди во пределот на главата, по што веднаш бил пренесен во Болницата во Струга.
