Најмногу починати како последица од корона вирусот има во градовите со низок процент вакцинирани граѓани, додека во градовите со повисок процент вакцинирани граѓани, смртноста е пониска, покажува епидемиолошката анализа за периодот од јули до крајот на август која денеска ја објави МЗ.
„Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август“, велат од МЗ.
Што се однесува до вакцинираните со две дози, анализата на МЗ покажува дека во периодот од 6 август до 2 септември, од вкупно 22,416 граѓани кои добиле позитивен резултат, само 18% биле целосно вакцинирани. Највисок број од заразените биле невакцинирани.
„Во период од четири седмици на територија на државата починале 480 лица со Ковид-19, 429 пациенти (89%) од починатите не биле вакцинирани, а само 51 (10%) примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања“, додаваат од МЗ.
Што се однесува до процесот на вакцинација, МЗ уверува дека се одвива непречено на сите пунктови низ земјава.
- Вчера вкупно се вакцинирале 13.037 граѓани.
- Прва доза вакцина вчера примиле 3.475 граѓани.
- Вкупно се аплицирани 1.292.383 дози вакцини, а ревакцинирани се 555.322 граѓани.
Статистиките покажуваат дека барем една доза вакцина примиле 53% од населението на возраст над 40 години, додека 29% се на возраст од 18 до 39 години. Од МЗ велат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствен начин да се победи пандемијата. Истакнуваат дека целосната вакцинација спречува тешка форма на болеста и ја намалува можноста за зараза и смртност.
