9 непотребни кардиолошки и кардиохируршки операции – Алиу: Извршени се во 5 јавни и приватни институции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Констатирани се 9 непотребни кардиолошки и кардиохируршки операции во 5 државни и приватни институции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.

Непотребни хируршки интервенции се утврдени на Универзитетската клиника за кардиологија, Универзитетската клиника за кардиохирургија, Клиничката болница Штип, болницата „8 Септември“, како и во приватните клиники „Кардиоарт“ – Штип, „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

До овој заклучок се дошло по анализирање на вкупно 13 случаи од страна на странската комисија составена од д-р Уголини Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Миха Черчек, интервентен кардиолог од Словенија.

Пациентите опфатени во овие случаи се на возраст од 45 до 70 години.

„Од вкупно 13 предмети анализирани во врска со сомнежите за извршени непотребни операции или непотребни упатувања за операции, странската комисија за 4 пациенти утврди дека, цитирам: „Обезбедениот третман во целост бил медицински соодветен, навремен и во согласност со прифатените стандарди на клиничка пракса во светот.“ За останатите 9 пациенти, според странските експерти, цитирам… „Документацијата покажува сомнителни резултати при дијагностичката евалуација.“, вели Азир Алиу.

Директорот на Судска медицина, Александар Станков, информираше дека нивната комисија ќе треба да излезе на терен за да изврши контрола во болниците за кардиологија и кардиохирургија.

„Покрај тоа, извештај од комисијата ќе биде доставен до сите релевантни институции споменати од министерот, а комисијата сè уште има свои обврски согласно одлуката. Нашата комисија треба да излезе на терен и по случаен избор да ја провери медицинската документација во сите овие болници што се занимаваат со кардиолошка и кардиохируршка дијагностика“, вели Александар Станков.

Министерот за здравство Алиу најави дека извештајот на странската комисија, заедно со извештајот на домашната комисија, ќе бидат доставени до Владата, Обвинителството, Лекарската комора, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување и Државната комисија за спречување на корупцијата.