Ако на опозицијата не и се допаѓаат законите за економија, нека даде алтернатива да се подобрат, а не да ги блокира во Собранието, побара министерот за економија, Крешник Бектеши. Вели дека се уште има мерки од четвртиот пакет кои не поминале во собраниските комисии.
Кога доби збор и опозицискиот пратеник, Тимчо Муцунски, министерот Бектеши најде можност да му рече да ги поддржат законите во Собрание.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека задоцнетата и недоволна реакција на Владата ќе предизвика последици врз домашната економија, додаде дека во Собрание ги поддржале.
Албанската опозиција која со доставување илјадници амандмани и натаму блокира многу закони во Собрание, останува на истиот став. Координаторот на парламентарната група, Скендер Реџепи бара решение за законот за државјанство, инаку ќе продолжат да го блокираат секој друг закон.
„Несомнено, не сме горди за фактот што ние ќе ги блокираме овие предлог –закони, бидејќи имаме роднини и драги пријатели, меѓутоа горди сме што ќе застанеме во одбрана на една категорија граѓани кои цели 30 години не добиле никаква помош, ниту економска, ниту социјална, ниту здравствена ниту пензиска.“, вели Скендер Реџепи.
Албанската опозиција до сега доставила над 14 илјади амандмани за разни закони во Собрание, блокирајќи ги истите, како реципроцитет како кон власта така и кон македонската опозиција кои не се согласуваат со предлог законот на Алијанса/Алтернатива за државјанство. Реџепи го повтори барањето упатено до парламентарното мнозинство да седнат и да најдат решение за законот за државјанство. Вели дека секогаш има простор за отстапки и толерирање, за да се постигне договор кој е за доброто на граѓаните.
