Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа изјави дека протестите може да бидат забранети доколку тоа биде неопходно, по насилните немири во Франција.
„Со оглед на актуелната ситуација, префектите ќе донесуваат одлуки во координација со градоначалниците за да ги заштитат нашите градови, јавните објекти и продавниците. Доколку биде потребно, ќе се пристапи и кон забрана на одредени собири и преземање на неопходните мерки“, изјави францускиот претседател во телевизиско обраќање.
Макрон најави дека ќе биде разгледана и работата на полицијата, а од министерот за внатрешни работи побара да се посвети на ова прашање.
Повеќе од половина милион луѓе протестираа во саботата низ Франција против високите трошоци за живот.
Во повеќе градови имало грабежи, подметнување пожари и материјална штета, додека маскирани демонстранти ги нападнале општинските згради, полициските станици и владините објекти.
„Вчера, и покрај нивниот професионализам, нашите полицајци се соочија со невидено насилство во многу градови“, рече Макрон.
Тој додаде дека повторно побарал од владата да извлече поуки од овие настани за да не се повторат.
„Очекувам јасни одговори и сè ќе биде целосно транспарентно“, нагласи Макрон.
„Секој што се обидел да ја урне Републиката ќе сноси одговорност“, порача францускиот претседател.
