ДУИ не се плаши воопшто од најавата на Изет Меџити за формирање на ново политичко движење, вели потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми. Поканет во летното издание на Клик Плус, Адеми изјави дека ДУИ е многу добро организирана партија и по вакви процеси поминала и во минатото.
„Да ви кажам право, не! Поради тоа што станува збор за добро организирана политичка организација, добро етаблирана, која не само еднаш туку повеќе пати поминала по слични процеси. Но, кога сме кај г. Меџити, дозволете ми да кажам дека со длабоко жалење видовме и слушнавме за нивната определба за нов политички пат. Вистина е дека од медиумите сме се информирале за нивната нова политичка одредба“, додаде Арбр Адеми.
Идејата на Меџити е да формира силен опозициски блок. А во врска со тоа тој веќе имал средби со Движење Беса и Алтернатива.
„Една опозиција која ќе имаа идеи со кои ќе биде опфатен албанскиот електорат. Од основањето идејата е да придонесеме во обединување. Имав средба со г. Касами и г. Гаши и другите експоненти. Има волја за да се создаде силен опозициски фронт“, вели Изет Меџити.
Но Адеми не се плаши од тоа обединување. Според него Беса и Алтернатива се едноставно политички актери, но, како што вели, Али Ахмети останува единствениот политички фактор.
„Кога сме кај актуелната опозиција, Беса и Алтернатива, јас би рекол дека има многу политички актери во политичката сцена на РСМ но еден и единствен фактор е Али Ахмети. Овие се процеси по кои поминала ДУИ. Станува збор за не толку краток период, туку тоа се 22 години“, вели Арбр Адеми.
Прашан дали ДУИ би прифатил Изет Меџити да се врати во партија, Адеми рече дека за тоа одлучуваат партиските органи, но додаде дека ДУИ за никого не ги затворила вратите.
