Врховниот суд ја отфрли како неоснована жалбата на осудениот во случајот „Алфа“, Алмир Дрпљанин. Со ова се става под знак прашалник дали ќе има повторно судење за случајот во Основен суд. Ова го чека и осудениот Агим Ислами, кој веќе 16 години е во затвор и негира вина. Ислами преку Фејсбук ја прокоментира одлуката на Врховен.
-Продолжуваат неправдите, продолжува одолговлекувањето на случајот „Алфа“. Сега на потег е Основниот суд да одлучи по мојата жалба која веќе две години е во нивните фиоки без никаква одлука. Се надевам дека ќе ги земат предвид сите нови докази кои докажуваат дека невини луѓе се во затвор, одлуката да биде брза, без нови одолговлекувања и случајот „Алфа“ да биде вратен од почеток. Слобода за случајот „Алфа“ ништо друго. 2008/2024 – 16 години во затвор без никаква вина“.
И поранешниот обвинет во случајов, Рамиз Даути, вели дека не очекувал од Врховен ваква одлука, која според него е неправедна.
-Освен што имаме нови факти, направивме и добро вештачење за Агим кое докажува дека Агим не е виновен за овој случај. Ние сега бараме да не се одолговлекува бидејќи веќе ги чекавме Апелационен суд и Врховен 26 месеци, до 14-ти, вчера, да се донесе одлука, така што бараме да не се одолговлекува и да се одлучи врз основа на доказите што ги имаме“, рече Рамиз Даути.
Адвокатот на осудениот Алмир Дрпљанин, Асмир Алиспахиќ, вели дека вчерашната одлука на Врховен ги погодила сите. Појаснува дека сега предметот физички ќе се врати во Основен суд каде ќе се одлучува врз основа на барањето доставено пред 4 години од Агим Ислами за повторно судење со нови докази, значи според новото вештачење кое, според одбраната, докажува дека осудените не се виновни.
Алиспахиќ заврши со зборовите дека не само Агим Ислами туку и Алмир Дрпљанин и сега веќе покојниот Реџаил Ќерими, не заслужуваат да минуваат низ голгота.
