Обвинителството или МВР – дали некој ќе го повика Али Ахмети на разговор за локацијата на Артан Груби. Ова следува откако Ахмети кажа дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е на албанска територија. На прашањето како сега ќе реагира Обвинителството, оттаму одговорија дека за Груби има наредба за потерница и образложија што може да се преземе во ваков случај.
„Домашните и меѓународните органи задолжени за тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот.“, велат од ЈО
Премиерот Христијан Мицкоски пак, коментирајќи ја изјавата на Ахмети, кажа дека очекува обвинителите да го повикаат претседателот на ДУИ да одговорел каде се наоѓа бегалецот од правдата. Но, од СДСМ побараа тоа да го направат и Обвинителството и МВР.
Во меѓувреме, Ахмети е на ставот дека Груби не побегнал, ќе се врател, но не пред вакви правосудни органи.
„Артан Груби не побегна од Македонија. Артан Груби е подготвен да одговара пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не со одмаздничка, селективна правда.“, вели Али Ахмети.
„Претпоставувам, нема да го обвинат ниту Стејт департментот дека прави политички прогон против ова лице.“, вели Христијан Мицкоски.
Артан Груби, заедно со поранешниот директор на Лотарија, Прпарим Бајрами, веќе две недели се недостапни за домашните институции. Груби ја напушти државата на 15-ти декември преку преминот Блаце во возило со дипломатски таблички. За ова од работа беше суспендиран полицаецот кој пропуштил и покрај тоа што против Груби имало активна мерка.