Напорите и барањата на незадоволните членови во ДУИ, или таканаречената „огнена група“ за смена на Артан Груби од извршната власт, изгледа не му се допаѓа на лидерот на оваа партија. Синоќа јасно стави до знаење и отворено кажа дека нема намера да го смени Груби од вицепремиерската функција.
„Што да кажам брат сега, на моите пријатели не им беше тешко, добро направија. Грешат и јас им кажав, две години ги молев, треба да се мисли на крајот а не на почетокот затоа што се памети крајот. Сега не можам да ја направам куќата на Настрадин, кој како бара. 10 години бараа да го тргнам Муса Џафер од вицепремиер, јас не го тргнав, затоа што ја почитувам волјата на мнозинството, инсистираа Абдилаќим да биде сменет од вицепремиер, но јас не го тргнав затоа што ја испочитував волјата на мнозинството, сега повторно бараат, отстранете го Артан Груби, но не го отстранувам затоа што тоа е одлука на мнозинството“, вели Али Ахмети.
Од Огнената група повторија дека целта не им е да дојдат во Владата, туку да ги сменат министрите и вицепремиерот со нови ликови. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, пред неколку дена изјави дека што се однесува до Груби, лидерот на партијата или не гледа што се случува, или постапува некоректно.
„За Али Ахмети, уште еднаш кажувам, тој е мој претседател и ќе му служам уште 4-8 години, ќе бидам зад него, но не секој пат… Али Ахмети понекогаш може да донесе погрешни одлуки. Во овој случај, она што се случува со Артан Груби, тој или не го гледа или го прави погрешно“, посочи Изет Меџити.
Огнената група, откако не успеа да ги исполни своите барања во рамките на дебатата во партијата, веќе неколку дена почна да се среќава со граѓаните, но и лидерот Али Ахмети заедно со партиските функционери, уште поинтензивно почна да го прави истото. Ахмети вечерва повторно има средби со граѓаните во гостиварско, додека Огнената група ја најави следната активност во Скопје во среда.
