Ахмети против опозицијата за блокирање на собранието: „Тоа е лажен патриотизам, за државјанство има европски стандарди“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


Првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, вели дека Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива демонстрира лажен патриотизам со предлог-законот за државјанство. Според него, албанската опозиција ќе згреши доколку го блокира Собранието поради законот.

-Не е добро да се прават блокади и да се демонстрира лажен патриотизам, ниту Македонците, ниту Албанците. Да се повикаме на рационалноста и оддржливите решенија-вели Ахмети.

На прашањето – дали ќе ѝ се придружат на албанската опозиција во гласање на Законот за државјанство, Ахмети со став дека чувствителните прашања не треба да се претворат во патриотски.

-Да не ги претвораме чувствителните прашања во патриотски. Во однос на државјанството, постојат светски и европски стандарди. Ние сме кандидат за членство во Европската унија и секако дека на оваа тема се разговара со експерти од ЕУ, како и со експерти Македонци и Албанци-вели Ахмети.

Инаку, вчера во Собранието беше блокиран Законот за државјанство, кој беше предложен од коалицијата АА-ААА. Африм Гаши и Зијадин Села блокирањето на законот го оценија како анти-албански пристап од страна на македонските политички партии.

-Од една страна СДСМ не прифаќа, целиот закон го одбива, а ВМРО-ДПМНЕ со амандмани го блокира истиот закон. Ова нам ни покажува дека има анти-албански пристап и тенденции третирајќи го овој закон кој ги унапредува правата на Албанците. Уште еднаш ви велам дека овој закон ги нема за основа основните човекови права-рече Гаши.

-Од овој момент најавуваме дека секој закон кој ќе дојде во Парламент, без оглед за што се работи, ние ќе поднесеме илјадници амандмани, додека не се повлечат амандманите кои го блокираат Законот кој се однесува на тоа да се биде човек-изјави Села.

ВМРО-ДПМНЕ достави над 500 амандмани за блокирање на предлог-законот за државјанство. Премиерот Заев, неколкупати потенцираше дека нема да го поддржи законот, бидејќи како што вели, државјанство не може да се добие со тројца сведоци. Нивниот коалициски партнер, Движење Беса, со поинаков став – дава поддршка за законот кој доаѓа по предлог на опозицијата.