Лидерот на ДУИ Али Ахмети вечерва е домаќин на екипата на ТВ21 во својот дом во Зајас. Тој во ексклузивното интервју открива дека има сериозни организирани напади лично кон него, но и кон партијата која ја води. Открива дека во петокот Управата за јавни приходи (УЈП) била во посета на неговиот син и компанијата, каде извршила целосна контрола.
„Сериозни напади кон моето семејство, ете со тоа се соочуваме последните неколку години. Моите деца факултет завршиле во Македонија, додека магистерски студии надвор од државата. Мојата ќерка Ускана сега е докторски студии во Виена, додека синот Шкумбин сега се занимава со бизнис тука во државата. Ме замоли, да не му пречам јас, но и да не бидам јас пречка за да тој може да го развие својот бизнис“, вели Ахмети во интервјуто кое ќе се емитува вечерва од 20 часот на ТВ21.
Ахмети во разговорот реализиран во неговиот дом во Зајас, ексклузивно за 21, открива и какви совети им дели на своите деца.
„Сум им рекол дека со политика не треба да се занимаваат, затоа што не е во ред. Но не е во ред и поради мене да не можат да работат нешто друго. Јас ниту сум сметководител, ниту сум економист, за да знам какви биланси имаат компаниите на моите роднини, тоа е нивна работа“, додава Ахмети.
Лидерот на ДУИ зборува дека неговите деца работат согласно закон и дека не се поштедени од редовни контроли и инспекции.
„Еве конкретно вчера УЈП влезе во целосна контрола во компанијата на мојот син. Тоа е во ред. Нека проверат се што имаат и истовремено ги повикувам од УЈП, финансиската полиција, јавното обвинителство, сите нека проверат се што е спорно со компаниите на моите роднини“, заклучува Ахмети во разговорот за ТВ21.
Целосното интервју ТВ21 ќе го емитува вечерва од 20 часот. За прв пат, лидерот на ДУИ Али Ахмети е домаќин и реализира интервју за телевизиска екипа од својот дом во Зајас.
