Активиран сајтот: Почна пријавувањето за бесплатна вакцина против сезонски грип

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните кои спаѓаат во ризичните групи може да се пријавуваат за бесплатна вакцинација против сезонски грип преку интернет-страницата vakcinacija.mk, која е ставена во функција.

Пријавувањето се врши со пополнување на електронската форма на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu.

По пополнувањето на формуларот, граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој термин“. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, тие ќе добијат СМС-порака со точниот датум и час за вакцинација, на пунктот што го избрале при пријавувањето.

Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за неколку категории граѓани кои се изложени на поголем ризик од компликации. Во нив спаѓаат лицата над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.

Вакцинацијата е една од најефикасните мерки за превенција од сезонски грип. Таа го намалува ризикот од потешки форми на болеста, компликации и смртен исход, особено кај лицата од ризичните групи.