Акција „Адитив“ – притвор за Стефанов и за уште 7 обвинети, Ковачевски недостапен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Васко Ковачевски е во бегство, а за осум други од групата судија на претходна постапка им одреди притвор. Еден осомничен оди во куќен притвор, а за останатите определени се мерки на претпазливост со одземање на патната исправа.

„Што се однесува до осомничениот В.К. кој, до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост односно одземање на патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако истиот ќе биде обезбеден од органите на прогон“, велат од Кривичен суд.

Лицата се осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра во акцијата „Адитив“. Министерот за внатрешни работи посочи дека набавката воопшто не била користена во РЕК Осломеј.

„Криминалот на сметка особено на парите од народот е неисплатлив. Сето она кое што во оваа постапка е одземено или пак ќе следи во насока на замрзнување имоти итн. Ќе биде конфискувано досега можам да кажам дека се одземени околу 220 илјади евра, кеш пари во различни валути“, вели Панче Тошковски.

Обвинителството заплени 30 мобилни телефони кои со помош и опрема од САД ги екстрахира и може од содржината доколку се појават нови докази истрагата да се прошири.