Алармот е вклучен, нови 243 заразени – во недела да не работи ништо, а кафулињата до 22 часот?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Најголем број на инфицирани на дневна основа од почетокот на пандемијата се забележани во Ковид билтенот за денеска 243 нови случаи и четворица  починати. Алармот за вториот, или третиот бран е веќе вклучен. Се размислува за нови рестриктивни мерки, како онаа во недела да не работи ништо, а угостителските објекти во останатите денови да работат до 22 часот најверојатно ќе биде предлогот на Комисијата за заразни болести кој во понеделник ќе биде доставен до Владата.

Ова следува откако вчерашниот но и денешниот процент од направени тестови e над 13%.

Од Министерството велат дека сè уште  нема никаква одлука, а викендов дека се прават анализи.

„До овој момент, нема никаква одлука за нови рестриктивни мерки. Викендов ќе се направи детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците. Врз основа на направената анализа ќе се заземе став дали се потребни мерки и следни чекори кои ќе бидат препорачани до Владата“, велат од министерството за здравство.

Состојбата е сериозна, а учениците да ги следат препораките на комисијата за заразни болести, потсетија утрово од Министерството за здравство.

„Доследното почитување на мерките и протоколите во сите сфери, вклучително и образованието, може да придонесе состојбата со епидемијата што поскоро да се стабилизира. Стабилна епидемиолошка состојба ќе овозможи да се зголеми бројката на деца кои би ја следеле наставата со физичко присуство. Апелираме на максимална сериозност и соработка од сите граѓани, пред нас е период во кој сите мора да бидат максимално внимателни“, додаваат од Здравство.

ТВ21 направи и анализа на неделно ниво, како се движел бројот на новозаразени. Од таму може да заклучиме дека изминатите две недели, имало зголемување  на бројот на новозаразени а бројот се движел од 700 до 950, а оваа недела иако се уште не завршена, бројот е драстично зголемен и моментално на неделно ниво изнесува 984.

На социјалните мрежи објавени се и снимки од синоќешна забава во локал во центарот на градот, каде не се почитувале мерките за заштита од коронавирусот. Пазараниот инспекторат со решение ќе го затвори популарен бар. На сопственикот на барот му е поднесена кривична пријава.