Албанија нема да го послуша барањето на Русија, откако Москва побара дипломатите и странските државјани да го напуштат украинскиот главен град Киев.
Такво барање Русија упатила и до Соединетите Американски Држави на 25 мај.
Министерот за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, ова известување од Русија го оцени како „целосно неприфатливо“ и порача дека Албанија нема да се повлече.
„Албанија го смета известувањето на Русија, со кое се повикува дипломатскиот персонал и странските државјани да го напуштат Киев пред планираните напади, за целосно неприфатливо. Заканите кон амбасадите не се дипломатија, туку заплашување. Тоа претставува уште едно кршење на меѓународното право и Виенската конвенција за дипломатски односи. Албанија нема да се повлече“, напиша Хоџа на мрежата Икс.
Според него, Албанија ќе продолжи да ја поддржува Украина, а таквиот став во четвртокот му бил пренесен и на рускиот амбасадор во Тирана, Алексеј Зајцев.
Шефот на албанската дипломатија оцени дека одговорот на војната меѓу Русија и Украина не може да биде „повеќе војна, повеќе злосторства или неселективни напади врз цивили и цивилна инфраструктура“.
Единствениот пат напред, според него, е завршување на војната преку вистински и добронамерни мировни преговори.
На 24 мај Русија лансираше стотици ракети и дронови кон Киев. Меѓу погодените објекти била и резиденцијата на албанскиот амбасадор во Украина, Ернал Фило.
Во масовниот напад загинале најмалку четири лица.
Албанија ја отвори својата амбасада во Киев во октомври 2024 година, две години по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина.
