„Тоа беше најдоброто време, тоа беше најлошото време“ – оваа позната реченица на писателот Чарлс Дикенс за Француската револуција беше увертира на годишниот говор пред Европскиот парламент за состојбата на Унијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со што таа ja илустрираше денешната реалност на Европа, која истовремено се соочува со големи можности и сериозни закани.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ е посилна од кога било, но во моментов се соочува со невидени предизвици, нагласувајќи дека Унијата тргнала по патот кон поголема независност, ја зајакнала економијата и одбраната и ја намалила зависноста од руските фосилни горива.
Таа посочи дека ЕУ се развила во најголема трговска сила во светот, додека ја трансформира индустриската политика и го зачувува европскиот социјален модел. Во исто време, трошоците за одбрана се зголемиле за 80 отсто во последните пет години.
Фон дер Лајен предупреди дека Европа мора да ги поддржи своите држави и партнери соочени со воени, хибридни и сајбер-закани, од Украина до напади со дронови и кампањи за дезинформации, нагласувајќи дека европското единство е основен услов за безбедноста, независноста и суверенитетот на граѓаните.
Освен на продолжената војна во Украина, таа се осврна и на новите конфликти во поширокиот регион, конкуренцијата за индустриска моќ и борбата за контрола врз информациите, кои влијаат врз меѓународната рамнотежа и европската демократија.
Фон дер Лајен истакна дека влијанието не е ограничено само на геополитичките случувања, туку и врз секојдневниот живот на граѓаните, при што трошоците за живот и станбената криза ги оптоваруваат европските семејства, додека брзината на технолошките промени влијае врз работните места, приходите и општеството.
Таа додаде дека политичката конфронтација станува сè поекстремна и се користи за поделба на европските општества.
Фон дер Лајен предупреди на заканата од наднационализам, антиевропеизам, руско мешање и дезинформации, аргументирајќи дека овие сили имаат цел да ги поткопаат европските вредности и да го нарушат единството на ЕУ.
Претседателката на ЕК повика на зајакнување на конкурентноста, поедноставување на правилата и поттикнување на европската економија како главни приоритети, барајќи од престолнините на земјите членки на ЕУ да обезбедат фискална одржливост, да ја намалат бирократијата и да го интегрираат единствениот пазар.
Во областа на енергетиката, таа побара „технолошки неутрален“ пристап, кој ќе вклучува биометан, нуклеарна енергија и обновливи извори како ветерот и сонцето, нагласувајќи дека ЕУ треба шесткратно да го зголеми капацитетот на обновлива енергија и двојно да го зголеми уделот на електричната енергија до 2040 година.
Таа предупреди дека кризата во Ормускиот теснец ги зголемила трошоците за увоз на енергија за 90 милијарди евра, без да се додаде ниту еден атом енергија, што ја прави неопходна изградбата на домашните капацитети.
На крајот, фон дер Лајен се осврна на односите со Кина, велејќи дека дијалогот мора да донесе резултати, но предупреди дека ЕУ ќе ги употреби сите расположливи средства за да ги балансира односите, завршувајќи со зборовите: „Зборовите се добри, но делата се подобри.“
