Албанија сама кон ЕУ без Македонија?! – Османи: За одвојувањето прашајте ја ВМРО-ДПМНЕ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој во Тирана прецизираше дека неговата земја ќе ја поддржи Албанија во евроинтеграцискиот процес, за министерот за надворешни работи Бујар Османи, не значи дека ќе се разделат патиштата на Македонија и Албанија кон ЕУ.

„Мислам дека не треба да извлекуваме никаква порака од изјавата на Макрон, бидејќи и тој беше во билатерална посета на Албанија и затоа пораките беа наменети за Албанија, а не за регионот“, вели Бујар Османи.

Шефот на дипломатијата е оптимист за уставните измени, а го впери прстот кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ за евентуалното одвојување на Македонија и Албанија.

„Ако има одвојување, треба да ја прашате нашата опозициска партија. Топката е кај нас и уставните измени се моментот кој ќе одлучи дали ќе има одвојување или продолжување на преговорите со ЕУ, заедно со Албанија. Тоа засега е работа на опозицијата и за кратко ќе биде на сите нас“, додаде Бујар Османи.

Минатата година во јули се одржа првата меѓувладина седница на која Македонија и Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ. За да продолжат, треба да се направат уставни измени пред завршување на скрининг процесот, следниот месец.