Се здружуваат Движењето Беса, Алтернатива и новото движење на Изет Меџити. Целта на овој сојуз, како што велат тројцата лидери на овие политички субјекти, е создавањето на албански опозициски фронт. Дури се очекува овие три партии на претстојните избори да излезат со заедничка предизборна програма.
Лавината веќе почна, на повидок е рушењето на оваа влада, напиша веднаш по средбата Африм Гаши од Алтернатива. Но, се чини дека овој фронт не им се допаѓа на неколку политички актери во овие партии. И во Алтернативата и во Движењето Беса има незадоволство, што дури предизвика и раздвојување на патиштата.
Потпретседателот на Движењето Беса синоќа извести дека целосно се дистанцира од политичкото делување на опозицискиот блок, бидејќи според него оваа иницијатива има за цел само да ги „испере“ политичките фигури кои ја одржуваат во живот актуелната власт.
„Дозволете ми преку оваа објава да ве информирам дека од денеска целосно се оградувам од политичките дејствија во таканаречениот „опозициски блок“, оценувајќи дека главните актери, носителите на оваа иницијатива, ја немаат како цел политичката ротација, туку едноставно „перење“ на политички фигури кои недалеку од денес беа актери на одржувањето на актуелната албанска власт и ја спречија ротацијата во албанскиот блок“, вели Арјанит Хоџа.
Пратеникот Бастри Бајрами со објавување на заедничка фотографија со Хоџа со натпис „заедно до крај“ стави до знаење дека ја поддржува одлуката на Хоџа, а не на Касами. Како понатаму ќе постапат, се очекува да соопштат во текот на неделата. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи во SummerClick изјави дека вреди да се разговара со двајцата за да се приклучат на европскиот фронт.
„Досега не, но секако вреди да се зборува бидејќи ДУИ ја започна идејата за европски фронт, оценувајќи дека сега е време за концентрирање на европската енергија во земјава, со оглед на тоа што општеството во земјава се поларизира. Порано дебатата се водеше на различни теми. Сега станува јасно кој е за Европа и кој сака да ја држи земјава во заложништво, можеби давајќи и простор да го смени стратешкиот курс на државата“, посочи Бујар Османи.
Инаку, Изет Меџити одлучи официјално да формира новото политичко движење на 13 август, а неговите колеги Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери не му се придружија. Сите тројца ќе продолжат да дебатираат во ДУИ.
