Албанската опозиција со критики до МВР, настојува на Предлог-законот за државјанство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

МВР на чело со Оливер Спасовски, води кампања наследена од претходниот систем против човековите права, во однос на предлог-законот за државјанство на албанската опозиција, обвинува пратеникот од Алијанса за Албанците, Елми Азири.

-Ние им даваме можност на граѓаните да се чувствуваат прифатени и интегрирани во здравствениот систем и пазарот на труд, еден пат, а две работи… ти лично да излезеш од твојот примитивизам-рече Елми Азири.

Азири продолжи со обвинувањата, велејќи дека од овој закон им се трга лажната маска на социјалдемократите за „едно општество за сите“.

-Слоганот „заедничко општество за сите“ ви беше само фарса која ја искористивте само за гласови, а во суштина останувате националисти-изјави Азири.

Пред неколку дена, шефот на полицијата, рече дека законот за државјанство предложен во Собрание од страна на коалицијата АА-ААА е неразбирлив во врска со тоа што сака да постигне.

Околу предлог-законот на албанската опозиција, Спасовски до Влада достави мислење со критики, а најави и дека се изготвуваат можни варијанти за нов Закон за државјанство. Со ова се чини дека владејачката албанска партија, ДУИ се најде меѓу два огна.

-ДУИ ќе го поддржи, не го поддржува, туку ќе го поддржи предложениот закон од албанската опозиција во Собрание, но исто така ќе го поддржи и законот во Влада, бидејќи законот во Влада без да биде усогласен меѓу коалициските партнери не може да помине. Треба да се усогласи меѓу коалициските партнери, па потоа да ја добие поддршката и ако помине, да знаете дека ДУИ го има поддржано-вели Груби.

Азири бара ДУИ да не манипулира, од една страна да вели дека како политичка партија го поддржуваат законот, а од друга страна пак, како дел од Владата да вели „ќе видиме што ќе правиме“. Предлог-законот на албанската опозиција сѐ уште е во собраниска постапка, а Азири потврдува дека во моментов нема нова комуникација со пратеничките групи.