Алтернатива бара „Асоцијација на албански општини“ исто како моделот кој Меѓународната заедница го бара од Косово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Партијата Алтернатива предлага во Северна Македонија да има иницијатива за “Асоцијација на мнозински албански општини“, исто како моделот кој се бара од Косово. Во едно соопштение испратено до медиумите, а во кое на крајот е името на генералниот секретар на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, се наведува дека во во време кога Косово се наоѓа пред конечен договор за нормализација на односите со Србија и кога секој западен дипломат кој доаѓа во Приштина го повторува рефренот да се направи Асоцијација на општини со мнозинско српско население, прашањето кое треба да се постави, според Алтернатива, е зошто албанските партии во македонија кои имаат општини, како ДУИ, АА и Беса, не покренат иницијатива за формирање Асоцијација на албански општини со тие надлежности кои меѓународната заедница бара да се формира Асоцијација на општини со мнозинство Срби во Косово.

„Ништо повеќе. Само толку. Тие што го бараат тоа од Косово се наши западни сојузници, па испаѓа дека таа заедница е во духот на западните вредности. Многу добро. Да направиме и ние во Северна Македонија една таква заедница во тој западен дух. Еве една кауза врз која може да се соединиме сите албански партии, дури и Алтернатива, која нема своја општина. Да ја започнеме уште денес Заедницата на албанските општини во Северна Македонија. Добар реципроцитет и, воедно, европски, нели?! Можеби на тој начин доаѓаме и кај темата на јазичен реципроцитет помеѓу албанскиот јазик во Северна Македонија и српскиот јазик во Косово.“, велат од Алтернатива.

ТВ21 побара став од партиите кои Алтернатива ги спомнува во соопштението, но ниту една не одговори. Единствениот кој коментираше на прашање на новинарите на терен беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој потсети дека дел од уставот на Македонија е Рамковниот договор кој го гарантира унитарниот карактер на државата и зад кого стои меѓународниот фактор. Според опозицискиот лидер, доколку има политички партии кои сакаат да го напуштат Рамковниот договор, тогаш треба да кажат отворено дека не го признаваат и дека тие утре нема да го почитуваат тој договор.

За политичкиот аналитичар Сефер Селими оваа идеја на партијата на Африм Гаши е апсурдна и поттикната од конфузијата во која се наоѓа Алтернатива по излегувањето од Владата. Според Селими, идејата да има асоцијација на албански општини во Македонија, врз основа на барањето за здружување на српски општини на Косово, е бесмислена и неспоредлива.

„Прво, Албанците не се малцинство во Северна Македонија, тие се државотворен народ Споредувањето на албанското население во РСМ со српското малцинство во Косово не само што е нелогично, туку е доста опасно и на крајот може да предизвика само штета на аспирациите на Албанците овде во РСМ кои бараат, ни повеќе ни помалку, само да бидат рамноправни.“, вели Селими.

Ваквата иницијатива, според Селими, би го променила наративот во Македонија и би била начин етнонационалистите да создадат погрешен впечаток за Албанците во Македонија.

„Ако Алтернатива има храброст и сака да ги промовира овие екстремни идеи, нека предложи поделба на Македонија, ако има храброст нека предложи федерализам на Македонија! Нека не се крие зад празни изјави со кои ризикува да изгради наратив кој е целосно несоодветен и надвор од реалноста во која се наоѓа РСМ“, изјави Селими.

Селими вели дека Алтернатива треба да има одговорност на сериозна партија и сериозно да ги третира овие теми и да не брза со вакви барања.