Алтернатива бара ДУИ да оди во опозиција – ако сите албански партии влезат во власта, Беса ќе оди во опозиција?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ако сите албански партии влезат во Владата, тогаш ќе лобирам Движењето БЕСА да излезе во опозиција. На овој начин генералниот секретар на Движењето БЕСА, Аријанит  Хоџа веројатно сака да испрати предупредување на социјалдемократите. Ова значи дека доколку, како што има најави, од парламентарното мнозинство, но и од новата влада, бидат дел ДПА, Алијанса-Алтернатива и ДУИ, тогаш Движењето БЕСА ќе ја напушти Коалицијата „Можеме“ и ќе замине во опозиција. Аријанит Хоџа вели дека лично тој ќе лобира кај неговиот политички субјект да се случи ова, бидеји смета дека е опасно и штетно Албанците да останат без ниту една опозициска партија.  

„Сакам да го изразам моето вознемирување, во последните денови во одредени кругови се спомнува опцијата сите албански партии да бидат дел од новата Влада, во име на новите реформи кои не чекаат. Ова според мене не само што е погрешно, туку е и опасно“, вели Аријанит Хоџа.

Од друга страна, Зекирија Ибрахими од Алтернатива, која е во коалиција со Алијанса за Албанците, исто така е против сите албански партии да бидат дел од власта.  Ибрахими порачува, доколку ДУИ не успее да ги исполни главното ветување за прв премиер Албанец, односно доколку не го направат премиер Насер Зибери, тогаш ДУИ треба да замине во опозиција.

„Нашите патишта се поделени. Ако го направите Насер Зибери за премиер, ќе добитете нашите 12 гласови. Но, ако не го направите Насер Зибери премиер, вашето место е во опозиција“.

ТВ21 испрати прашање до СДСМ дали последните најави на БЕСА претставуваат проблем во планираното мнозинство. Сепак, од „Бихаќка“ без одговор. Од оваа партија веќе неколку дена го повторуваат истото дека прават стабилно мнозинство за стабилна влада, со партии кои ќе се залагаат за истите принципи.

„Целосно сме согласни за  почитување на договорот од Преспа со Грција, договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор.  Посветени сме на социјална кохезија, силно и толерантно општество, владеење на правото и согласни сме да се спротиставиме на сите форми на национализам и омраза“, велат од СДСМ.

Инаку, на изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „Обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат. И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека ќе успеат да обезбедат мнозинство и да состават влада.