Алтернатива без одлука за Владата – како ќе ја искористи Гаши „отворената врата“ на Ковачевски?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Молк во Алтернатива по одлуката на Алијанса за Албанците за влез во Влада. Сега, откако ќе им биде одземено Министерството за здравство и уште неколку други ресори, никој од партијата на Африм Гаши не излегува да каже како ќе постапат – ќе останат или пак, ќе ја напуштат Владата? Откако никој не прифати да говори пред камера, попладнево преку соопштение известија дека тесното раководство е во постојана координација и дека внимателно ги разгледува сите околности, кои, како што велат, ги нарушуваат принципите врз кои требала да почива Европската коалиција.

„Расудуваме трезвено, без емоции целосно свесни за предизвиците кои нѐ очекуваат. Уште еднаш потенцираме дека нема да влетаме во замката што ни се подметнува. Нема да оставиме ниту минимум простор дека Алтернатива на било каков начин самата придонесе за процесите кои неминовно следат“, велат од Алтернатива.

Партијата на Гаши одлучи конечниот став да го изгради на седница Централното собрание штоп ќе се одржи во недела со почеток во 16 часот во седиштето во Тетово.

Неофицијално се дознава дека ставовите во Алтернатива за излез или не од Влада се различни меѓу самите членови на највисокото раководство на партијата. Според изворите на ТВ21, Алтернатива до сега ја чекала токму конечната потврда за ресорите што ќе гои добие АА, за да донесе одлука дали ќе ја напуштат владата, но како што изгледа одлуката воопшто не е лесна.

Премиерот Димитар Ковачевски вчера рече дека вратата за Гаши останува отворена.

Алтернатива има 3 пратеници. Заедно со тие од целото парламентарното мнозинство се 64 пратеника. Вклучувањето на АА ќе го зголеми мнозинството на 72, но доколку Алтернатива излезе, оваа бројка паѓа на 69. Кај бројките во Собрание треба да се има предвид и т.н. огнена група која веќе официјално се знае дека има 3 пратеника. Доколку ниту тие не го поддржат новото мнозинство, тоа би паднало на 66 пратеници, штоп е доволно за просто мнозинство. Како и да е, сите албански партии се изјаснија дека ќе ги поддржат уставните измени за внесување на Бугарите, но повторно бројката на пратеници не достигнува 80 без тие на ВМРО-ДПМНЕ, за кои останува да се види како ќе дејствуваат до ноември и дали некој ќе го смени ставот.