Алтернатива ќе ја замени Беса? – Заев деновиве треба да има разговори со Гаши

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деновиве премиерот Заев на средба со претседателот на Алтернатива Африм Гаши треба да преговараат за оваа партија да биде дел од власта.

Тој денеска имал телефонски разговор со Гаши и му понудил да избере кога сака да се сретнат за да разговараат околу можноста да бидат дел од парламентарното мнозинство, односно од Владата. Првите сигнали ги даде Гаши деновиве кога рече дека не е за брзи предвремени парламентарни избори. Алтернатива има 4 пратеници што би било доволно за стабилно мнозинство. Дека се подготвуваат преговори за окрупнување на мнозинството потврди и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, иако не кажа со кого се преговара и кога може да се очекува зголемување на парламентарното мнозинството.

„Се разбира дека се водат разговори, очекувам тоа успешно и брзо да се заврши бидејќи не чека многу повеќе работа, мислам дека граѓаните се заморени од пребројување на пратеници. Она што сакаат да бројат се квалитетни закони, квалитетни реформи и резултати и тоа со мнозинство кое ќе ни гарантира ветер во грб ќе го обезбедиме. Целта ни е да обезбедиме квалитетно мнозинство кое точно ќе знае за какви политики се залага“, посочи Радмила Шекеринска.

Кастриот Реџепи вели дека не се потребни брзи избори на кои инсистира опозициската ВМРО-ДПМНЕ туку стабилно мнозинство.

„Не нови избори, не нов застој, не нови поделби, туку стабилно мнозинство, брза реконструкција на Владата ако е неопходна и многу работа… За мнозинството, за бројките на мнозинството и за другите моменти, нормално одговорен и главен менаџер е премиерот или тој што го има мандатот во случајот господинот Зоран Заев“, вели Кастриот Реџепи.

Но од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму тврдат дека се потребни брзи предвремени избори, а од премиерот Заев бараат да си поднесе оставка.

„Крајно време е да си заминат Зоран Заев и СДСМ од политичката сцена во Република Македонија. Крајно време е конечно барем еднаш во животот Зоран Заев да си го одржи ветувањето да се соочи со реалноста дека граѓаните повеќе не го сакаат и да си даде оставка и да си замине од функциите“, посочи Димче Арсовски.

Вчера и Артан Груби од ДУИ рече дека во скоро време треба да има окрупнување на мнозинството. Доколку падне договор меѓу Заев и Гаши, владејачкото мнозинство ќе се зголеми за 4 пратеници на Алтернатива, што е доволно за стабилно мнозинство.