Паѓа цената на нафтата откако Трамп ја исклучи можноста за напад врз Иран пред изборите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на нафтата денеска бележат пад, откако малку се намалија загриженостите за снабдувањето од Блискиот Исток, по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека САД нема да го нападнат Иран пред ноемвриските избори.

Европската референтна нафта „брент“ поевтини за 72 центи, односно за 0,7 проценти, и достигна цена од 103,53 долари за барел.

Во меѓувреме, американската нафта ВТИ поевтини за 52 центи, односно за 0,6 проценти, и се тргува по цена од 90,97 долари за барел.

Сепак, се очекува „брент“ да ја заврши неделата со раст на цената, откако во четвртокот поскапе за четири проценти поради интензивирањето на нападите врз бродовите што транспортираат нафта од Блискиот Исток.

Од друга страна, се очекува американската нафта ВТИ да забележи благ неделен пад, и покрај прекините во снабдувањето предизвикани од ураганот што се приближува до американскиот брег на Мексиканскиот Залив.

Трамп синоќа изјави дека Вашингтон води „продуктивни“ разговори со Иран и дека не е планиран напад пред меѓуизборите на 3 ноември. Неговата изјава следуваше откако медиумите објавија дека американскиот претседател ја разгледува можноста за напад пред тој датум.