Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје од денеска повторно е во функција, а пациентите можат да закажуваат термини за дијагностички прегледи, информираат од Министерството за здравство.
Оттаму посочуваат дека веќе е започнато организирано повикување на пациентите чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба, со цел здравствените услуги да се обезбедат навремено и одложените прегледи да се реализираат во најкраток можен рок.
За да се забрза процесот, на Институтот е организирана работа во две смени, а дополнителни прегледи ќе се вршат и во текот на претстојниот викенд. Термините ќе се реализираат согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.
Во меѓувреме, сервисирањето на вториот компјутерски томограф, кој се наоѓа во хируршкиот комплекс и првенствено е наменет за дијагностичка обработка на итни пациенти, сè уште е во тек. Од Министерството очекуваат постапката да заврши во најскоро време.
Додека не се стави во функција и овој апарат, итните пациенти се згрижуваат во Градската општа болница „8 Септември“ и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Од Министерството наведуваат дека ова се одвива согласно воспоставената меѓуинституционална координација, со цел да се обезбеди континуитет во неопходните дијагностички услуги.
Од Министерството за здравство апелираат до јавноста да не се изнесуваат непроверени информации за состојбата, нагласувајќи дека е важно да не се нарушува довербата во здравствениот систем.
