Алтернатива во договор со Заев или Мицкоски – Проширување на сегашното или формирање ново мнозинство?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

В понеделник ќе има ново парламентарно мнозинство, изјави синоќа во „Клик Плус“ Зекирија Ибрахими од Алтернатива.

Зекирија Ибрахими: Убеден сум дека в понеделник ќе се изненадите од каде тие бројки.
Н: Во актуелниот или во опозицискиот кампус? Многу е важно, во опозицискиот кампус ќе имате 61 или, пак, актуелниот камп ќе има 62 плус?
Зекирија Ибрахими: Јас ви зборувам за делот што ме прашавте, а тоа е за опозицискиот кампус.

Премиерот Зоран Заев, вели дека имаат добра соработка со Алтернатива и ги упати новинарите да ја прашаaт партијата за какво парламентарно мнозинство станува збор.

Но, запрашан на ова тема, Ибрахими рече дека клучната улога за формирање ново мнозинство ја има опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. 

„Новото парламентарно мнозинство е во рацете на г.Христијан Мицкоски“, посочи Зекирија Ибрахими.

Иако, во неколку наврати беше прашан дали ќе поднесе оставка доколку СДСМ го изгуби Град Скопје, Заев не даде конкретен одговор. Но, синоќа во гостување во емисија на Сител, рече дека доколку Град Скопје замине во рацете на опозициската кандидатка, Данела Арсовска, тој нема да може да ја води Владата, бидејќи локалната власт би правела опструкции во политиките на централната власт.

На ваквата изјава реагираше и лидерот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски. Тој вели дека дуото ДУИ- СДСМ прави сѐ само за да остане на власт и да ги задржи привилегиите во Влада.

Инаку, во првиот круг од локалните избори во Град Скопје, кандидатот на СДСМ и актуелен градоначалник Петре Шилегов, освои околу 8 илјади гласови помалку од независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска. За втор изборен круг се гласа на 31 октомври.