Веднаш откако земјава доби зелено светло за старт на преговорите со ЕУ, по еден месец Алтернатива до премиерот Димитар Ковачевски испрати писмо со барање на владина седница да биде ставена нивната точка за меѓународна истрага на случаите за кои, според партијата постои сомнеж за политичко влијание. Ова го изјави секретарот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, партија која пред 5 дена ја напушти Владата.
„Тој секогаш се правдаше со процедурално-технички прашања сѐ до нашето настојување дека ако ова писмо не биде испратено, тој нема да има мнозинство. На 6 декември 2022 година, заменикот-министер за европски прашања, Бојан Маричиќ, на претседателот Африм Гаши му ја испрати коригираната верзија на писмото и тој ден, откако видовме дека тука е и текстот на барањето што го сметаме за суштински, се согласиме писмото да биде испратено и му вративме одговор“, вели Зеќирија Ибрахими.
Ибрахими вели дека до ден денеска писмото не поминало ниту во Влада, а ниту пак е испратено до Европската комисија. Иако, премиерот Ковачевски вчера зборуваше за ова прашање, сепак во ниту еден наврат не го спомна барањето на Алтернатива. Се осврна само на средбата што ја имал со независниот пратеник, Скендер Реџепи во врска со оваа тема.
Ибрахими бара писмото итно да биде испратено до ЕК, додавајќи дека доколку биде постигнат некаков напредок во оваа насока, нема да ги преземат заслугите за тоа.
„Сакам да го повикам, уште денеска да го испрати писмото, па нека му го препише кому сака. Иако писмото го изготвив јас, нема никаков проблем нека му го препише кому сака, дури и на оние кои не знаат да напишат два збора. Само испратете го писмото до ЕК уште денеска“, вели Зеќирија Ибрахими.
Кога Алтернатива стана дел од Владата, втората точка од нивната политичка програма беше Владата да испрати официјално писмо до Европската комисија преку кое ќе побара тим од независни експерти да извршат меѓународна истрага за случаите, кои според партијата се политички мотивирани како што се: „Монструм“, „Алфа“, „Диво Насеље“ и „Малиот Алмир“.
