„Амбасадорот е усно запознаен со нотата“ – Сиљановска: Можев да заминам и да направам скандал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков вчера бил запознаен усно со содржината на протестната нота, брифираат извори од МНР. Според информациите, демаршот бил устен, па оттаму амбасадорот немал писмена форма на нотата, а со тоа се демантираат и дел од пишувањата во медиумите дека таа допрва ќе била испратена по дипломатски пат.

Реакцијата на нашето МНР следуваше по отсуството на државното знаме на Македонија на средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија. Таа во телевизиско интервју кажа дека била исправена пред дилема и одлучила да не направи скандал.

„Ги видов двете знамиња и требаше да размислувам што да направам. Во тој момент едната мисла беше дека можам да си заминам и тогаш ќе направев скандал. Другата беше дека домаќинот ги утврдил правилата и дека домаќинот, а не јас, греши“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски кој ја придружуваше претседателката во Софија појасни зошто не реагирале на самото место и повтори дека Бугарите отстапиле од договорениот протокол.

„Неколку часа пред ние да влеземе во претседателската палата се случи пад на воен авион. Тоа е авион на бугарското воено воздухопловство, загинаа двајца пилоти за коишто изразуваме најдлабоко сочувство, за тој трагичен настан и тоа што беше пренесено од Протоколот на претседателката е дека не сакале да направат бурна реакција на тој гест, земајќи ја предвид специфичната ситуација“, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи.

Од опозицијата обвинија дека претседателката е недостојна да ја врши функцијата.

Бугарските власти остануваат на ставот дека државното знаме не било задолжително, зашто не станувало збор за официјална посета, туку средба од неформален карактер.