Амбасадорот на ЕУ во посета на Куманово – Треба да се забрза изградбата на регионалната депонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изградбата на регионална депонија во Свети Никола која ќе го опслужува целиот источен и североисточен дел и проблемот со аерозагадувањето, беа главните теми на кои разговараа градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и евроамбасадорот Дејвид Гир.

Според амбасадорот Гир, станува збор за комплексен проект, но како што вели, неговото реализирање ќе го подобри менаџирањето со отпад во целиот реон.

-Станува збор за комплексен проект кој опфаќа повеќе фактори и кој бара доста работа. Во моментов треба да почнеме да работиме побрзо и да напредуваме во насока на негова реализација. Секако разговаравме за разни аспекти, како градот да го направиме еколошки почист и како да ја подобриме животната средина. Чистиот воздух е од суштинско значење. Ние тука живееме секој ден, ние го дишеме тој воздух и среќни сме што можеме да зборуваме за сите начини за кои ЕУ може да помогне, рече Гир.

Тој уверува дека ЕУ ќе дава постојана поддршка за Куманово, а особено за младите. Градоначалникот пак, Димитриевски вели дека досега успешно се реализирани неколку проекти со помош на ЕУ, додавајќи дека има кадар и потенцијал за реализација на уште повеќе. Инаку, Куманово во неколку наврати беше еден од најзагадените градови во земјава, а главен проблем за општината остануваат депониите.