Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов на денешната прес конференција изрази сочувство за првата жртва во огнената стихија која ја зафати земјава.
Тој посочи дека се работи за жена од кумановско Челопек, која настрадала во пожарот кој ја зафатил нејзината куќа.
„Сакам да изразам сочуство на човекот кој ја изгуби сопругата. Страшно е тоа што се случи во кумановско Челопек. Куќите ќе ги направиме, дрвата ќе пораснат, но колку буки или борови вреди човечкиот живот? Затоа да се фокусираме на човечките животи. Државата ќе помогне да се направи нов дом, нов живот нема да се врати“, вели Ангелов.
Тој упати и апел до сите граѓани кои ќе се најдат блиску до пожарите веднаш да се евакуираат бидејќи човечкиот живот е бесценет.
