Ангелов ја напушта коалицијата со СДСМ – Џафери: Ако е вистина, ќе биде разрешен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ќе биде ли разрешен Стојанче Ангелов од позицијата директор на ЦУК откако вчера соопшти дека неговата партија ја напушта коалицијата со СДСМ и ја отвора можноста за соработка со ВМРО-ДПМНЕ за изборите? Премиерот Талат Џафери рече дека утре ќе разговара со него и доколку е вистина, ќе го разреши.

„Доколку јавно најавил дека не е зад владината програма, од формален аспект секако дека како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровско решение, ќе донесам и соодветна одлука. Секако дека тоа што се вели на телевизија не е за започнување на постапка, но јас утре директно ќе комуницирам со директорот и директно да ми каже. Така да како ќе биде, сметам дека ќе заврши со разрешување, нема друг начин, а за тоа дека сме во изборен период тоа треба да го реши друг орган“, вели Талат Џафери.

За претседателот на ДУИ, Али Ахмети, движењето на Ангелов е нормално, но не даде коментар во врска со неговото разрешување!

„Добро, сега е време за пазарување!“, вели Али Ахмети.

Претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, во неговиот фејсбук профил, извести дека причина за напуштање на коалицијата се неисполнетите барања за надоместок за десетица борци од конфликтот на 2001. Инаку кога министрите Фатмир Меџити и Азир Алиу застанаа зад коалицијата ВРЕДИ, Владата раководена од Премиерот, Талат Џафери, ги разреши од функцијата.