Апелација го ослободи Боки 13 во предметот „Меѓународен сојуз“: Правдата е спора, но достижна!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повеќегодишна судска постапка, Бојан Јовановски, познат како Боки 13, доби ослободителна пресуда во предметот „Меѓународен сојуз“. Апелациониот суд во Скопје ја преиначил првостепената одлука со која тој беше осуден на пет години затвор.

Информацијата ја објави неговиот адвокат Сашо Дуковски, кој го застапуваше Јовановски во постапката. Преку објава на социјалните мрежи, Дуковски ја потврди одлуката и изрази задоволство од судскиот исход.

„Ете, правдата е спора, но достижна! Апелациониот суд во Скопје денес донесе ослободителна пресуда за Бојан Јовановски во предметот ‘Меѓународен сојуз’. Со тоа ја преиначи првостепената пресуда на Основниот кривичен суд од пет години!“, напиша адвокатот.

Јовановски во октомври 2025 година беше осуден на пет години затвор за измама и перење пари, во повторената постапка за случајот. Според обвинението, преку проект за изградба на домови за стари лица биле измамени двајца бизнисмени, а дел од средствата наменети за реализација на проектот биле искористени за финансирање на телевизијата „1ТВ“ и за лични потреби.

Случајот беше отворен во 2020 година. Во првичната постапка, во 2022 година, Јовановски беше осуден на девет години затвор. Но, во 2024 година Апелациониот суд ја укина пресудата и предметот го врати на повторно судење, по што следуваше новата петгодишна казна.

Засега, ослободителната пресуда е потврдена преку објавата на адвокатот Дуковски. Се очекува Апелациониот суд официјално да ја соопшти одлуката и да ги образложи причините за преиначувањето на првостепената пресуда.