Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев кој е обвинет за злоупотреби на скапата биолошка терапија и несовесно лекување пациенти бара да му се укине куќниот притвор кој пред еден месец му го одреди Кривичниот суд. Васев, на денешната седница пред Советот од тројца апелациони судии само кусо се обрати и рече дека очекува фер судење.
-Барам чесно судење и укинување на мерката притвор. Значи сакаме да се браниме од слобода, вели Нино Васев екс-директорт на клиниката за Онкологија.
Неговиот адвокат Никола Ставрев истакна дека тој во текот на целата истражна постапка активно соработувал. Тврдеше и дека Васев нема да побегне бидејќи и досега бил достапен за органите на прогонот, а дека доказниот материјал не може да биде основа за определување мерка притвор. Ваквите тврдења се неприфатливи за обвинителството. Според обвинителката Фатиме Фетаи домашниот треба да му биде заменет со ефективен притвор поради тоа што извесно било дека ќе добие осудителна пресуда па, како што истакна, постои сомнеж дека ќе избега.
-Обвинителството се уште ги немало собрано тој квантум на докази кој што почетните основи на сомневање би ги подигнале на повисоко ниво до тој степен до кој што сега се, степен во кој што врз основа на прибраниот доказен материјал Основното јавно обвинителство Скопје основано може да очекува донесување осудителна пресуда. Колку што е поизвесно соочувањето со можноста од осуда на ефективна казна затвор, така и се зголемува опасноста од бегство, изјави Фатиме Фетаи, обвинителка.
Укинување на домашниот притвор бара и Нехат Нухи кој заедно со Васев се обвинети за злоупотреба на положбата проневера во службата, измама и несовесно лекување. Апелација дополнително ќе донесе одлука дали ќе го прифати барањето на екс раководителите на Онкологија за укинување на домашниот притвор.
