Полицијата на Косово денеска соопшти дополнителни информации за апсењето на лице осомничено за шпионажа на граничниот премин Мердаре, пренесува ТВ21.
Полицијата соопшти дека Ф. С., со одлука на Специјалното обвинителство, е задржан во притвор 48 часа. При претресот на неговиот дом во Драгаш, истражителите заплениле 39.500 евра, 500 динари, четири мобилни телефони и документи релевантни за случајот.
„Лицето Ф. С., кое денеска беше уапсено од страна на Полицијата на Косово на граничниот премин Мердаре под сомнение дека го сторило кривичното дело „Шпионажа“, со одлука на Специјалното обвинителство е задржано 48 часа.
Полициските истражители од Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тешки кривични дела извршиле претрес по налог во живеалиштето на осомничениот во Драгаш.
При претресот биле пронајдени и запленети следните материјални докази: готовина во износ од 39.500 евра; готовина во износ од 500 динари; четири (4) мобилни телефони; различни документи релевантни за случајот.
Во рамките на законски утврдениот рок, обвинителството ќе поднесе барање до Основниот суд во Приштина за определување мерка притвор за осомничениот.
Специјалното обвинителство, Полицијата на Косово и другите безбедносни институции остануваат ангажирани во преземањето на сите неопходни законски дејствија во врска со случајот“, соопшти полицијата.
