Поголемиот дел од општина Арачиново веќе неколку дена се соочува со недостиг на струја.
Жител кој тврди дека постојано ги плаќа сметките за струја раскажува и за последиците со кои се соочуваат поради недостиг на електрична енергија.
„Јас сум во улица 11, од среда немаме. Од среда два дена работеше само една линија, две беа прекинати, една функционираше, а веќе 3 ноќи немаме воопшто. Хидрофорот не работи, се што имавме во фрижидерите се расипа“, вели жител.
Разговаравме и со градоначалникот Ридван Ибрахими. Тој упати апел до надлежните органи да го решат проблемот. Вели дека побарал објаснување од ЕВН, но се уште не добил одговор.
„Компанијата ЕВН да покаже спремност и за Арачиново, да ја врши својата работа како што тоа е предвидено со закон, неприфатливо е граѓаните на Арачиново, сите тие кои постојано ги плаќаат сметките за струја, да останат и само еден ден без струја“, рече Ибрахими.
За проблемот со недостигот на струја од ЕВН велат дека за тоа се виновни самите жители на Арачиново бидејќи има нелегални приклучоци и затоа настануваат многу дефекти, а кога екипите на ЕВН излегуваат на терен мештаните ги напаѓаат.
„Во село Арачиново мештаните им забрануваат пристап на екипите на Електродистрибуција и ги спречуваат при извршување на секојдневните технички активности како и санација на дефекти.
Поради континуирано неовластено користење на електрична енергија од страна на мештаните, се оптоваруваат трафостаниците при што се предизвикуваат големи дефекти. Се додека нема услови за работа и нормално функционирање поради наведените причини, нема да постои можност за санација на дефекти“, велат од ЕВН.
Изгоре дел од поранешната зграда на општина Арачиново. Жителите велат дека некој го подметнал пожарот поради револтот, бидејќи таму порано имало наплатен пункт на ЕВН.
Инаку, освен струја, жителите се соочуваат и со недостиг на вода бидејќи тие користат хидрофори поради недостиг од водоснабдување.
