Арјанит Хоџа најави нова политичка партија – од партијата Беса со реакција: Обид за спас на ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со дефинирани цели и јасна визија, Арјанит Хоџа најавува оддалечување од Движењето Беса каде досега беше потпретседател на партијата. Тој најавува наскоро формирање на нова политичка партија. Како што најави Хоџа, неговата партија ќе биде сериозен фактор на политичката сцена.

„Денес отвораме ново поглавје. А кога велиме дека ќе формираме нова политичка формација, тоа е всушност најава за нова политичка партија. Но, отсега ги отвораме вратите за сите други кои не биле дел од политичка структура и нормално во каква форма ќе ни се придружат луѓето, ќе го приспособиме и времето кога ќе се појавиме, но тоа е сериозна најава за формирање на политичка партија која ќе биде многу сериозен фактор на сцената на Северна Македонија“, вели Арјанит Хоџа.

За причините поради кои им се разединија патиштата, Хоџа вели дека со претседателот на Беса, Биљал Касами, имаат дијаметрално спротивни верувања, а несогласувањата веќе започнале во последните осум месеци. Хоџа вели дека Изет Меџити најмалку има право да ја обедини опозицијата.

„Што се однесува до политичкото дејствување на Алтернатива и на Изет Меџити, мислам дека најмалку право да се биде обединувач на опозицијата може да има политичката формација на Изет Меџити, која е изворниот идентитет на она што го критикувавме. Денес, по дваесет години апсолутна власт на сите високи нивоа, не може да се покаже како опозицијата треба да се обедини и како опозицијата да постапува во иднина“, додаде Арјанит Хоџа.

Од Движење Беса велат дека известувањето за дистанцирањето на Хоџа и Бајрами го добиле од медиумите. Според нив, им смета опозициското обединување и испраќањето на ДУИ во опозицијата. Од Беса се убедени дека сојузот на трите опозициски партии на следните избори ќе биде победнички.

„Од социјалните мрежи сме информирани за односот на Арјанит Хоџа и Бастри Бајрами дека се оградуваат од опозицискиот фронт. Тоа е нивна лична одлука, најголем дел од партиските тела и структури се со апсолутно мнозинство за влез во опозицијата и испраќање на ДУИ во опозиција. Се чини дека здружената опозиција му пречи некому, но залудни се напорите да се наштети и да се спаси ДУИ. Албанската опозиција секој ден се повеќе се обединува, а на следните избори ќе излезе како победник, како што покажува најновото истражување“, велат од Беса.

Инаку, Хоџа не е единствениот кој најавува формирање нова политичка партија. Ова досега го најави Изет Меџити, додека и пратеникот Скендер Реџепи, кој дејствува како независен во Собранието, не ја отфрли таквата можност. Сега како независен пратеник ќе дејствува и пратеникот Бастри Бајрами.