Арсовска бара 10 милиони евра за нови автобуси – советниците не го прифатија предлогот: Не сакаме долг во време на криза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Додека 200 автобуси стојат во гаража и 200 приватни транспортери останаа без работа, градоначалничката на Скопје иницира купување на нови еколошки автобуси со креди од 10 милиони евра. Според Арсовска ова се прави со цел заштита на животната средина и поквалитетен јавен превоз. Што се однесува до приватните превозници, таа истакна дека имало две јавни повици каде можеле да се пријават, но тоа не го направиле.

Пред да почне седницата на Советот на Град Скопје, Арсовска ги повика советниците на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат купувањето на еколошките автобуси. Меѓутоа советот го одби овој предлог. За гласаа 15 советници, еден советник беше против, а 18 советници беа воздржани, нешто што не е доволно за да се усвои ваква одлука.

„Што се случува со 200 автобуси кои останаа во гаража и што се случува со 500 семејства кои останаа без работа.  Значи во ваква ситуација да им направиме долг на скопјани малку е нелогично знаејќи дека имаме автобуси кои не се користат. Која е причината, зошто не ги користиме?“, вели Бујаре Абази.

Арсовска побара одобрение од Советот за набавка на еко-автобуси со кредит што би се враќале со пари од градскиот буџет, но условите и начинот на користење на кредитот ќе се знаат дури откако ќе стигнат понудите од банките и потоа ќе биде избран оној кој нуди најдобри услови. Не беше прецизирано колку автобуси може да се купат со тој заем и од кој производител, поради што многу советници се откажаа од предложената одлука.

Советот на град Скопје не го прифати предлогот на градоначалничката за купување на нови еколошки автобуси со долгорочен кредит од локална банка во вредност од 620 милион денари, односно околу 10 милиони евра.

Овој проект е во рамките на проектот модерно Скопје, каде беа ветени 250 еколошки автобуси.