Арсовска е за кафе-средба со екс-градоначалници – Пенов и Костовски прифатија, Трајановски и Шилегов не

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ТВ21 предложи, а градоначалничката Арсовска ја прифати иницијативата да организира кафе-средба со поранешните градоначалници на Град Скопје за да може да разменат идеи и ставови за развој на градот.  

„Градот Скопје колку што е град мој, град на сите скопјани, толку е и град на сите претходни градоначалници. Секој од нив оставил свој белег во она кое што го работел и кое што го дал за скопјани, го вложил за скопјани како проекти кои што се реализирале и сигурна сум дека можат да придонесат со некој совет од времето кое што тие го имале како свој мандат“, вели Данела Арсовска.

Ваквата иницијатива наиде на позитивен одговор од поранешните градоначалници Ристо Пенов и Трифун Костовски.

Пенов во телефонски разговор за ТВ21 потврди дека би присуствувал на ваква средба, додека пак Костовски кафе-средбата ја оцени како „позитивен чин“.

„Апсолутно ќе ми биде пријатно да се собереме сите бивши градоначалници да помуабетиме за девијантните работи кои што се во самата локална самоуправа посебно во Град Скопје во кој што јас и ден денес ќе кажам дека децентрализацијата е закочена во Република Македонија, дека локалната самоуправа повеќе има ингеренции отколку што може да има приходи, посебно сега со енергетската криза, а Градот Скопје е посебна приказна“, порача Трифун Костовски.

Телевизија 21 ги контактираше и поранешните градоначалници Коце Трајановски и Петре Шилегов.

Трајановски не беше расположен за разговор, додека пак Шилегов ниту потврди ниту демантира дека би учествувал на кафе-средба што би ја организирала градоначалничката Арсовска.