Само во последните пет години жителите на општина Чаир на Град Скопје му платиле даноци околу 14 милиони и 610 илјади евра, додека за овој период Градот инвестирал само милион и пол во оваа општина. Овие обвинувања за дискриминација во емисијата Дејли клик ги упати градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој се пожали на лошата комуникација со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Градот Скопје апсорбира или собира средства по основ на сите даноци, вметнувајќи ги овде и комуналиите, околу 14 милиони и 610 илјади евра. Во периодот од 2019 до 2023 година, Градот Скопје во последните пет години инвестирал само милион и пол евра. Тоа е реконструкцијата на улицата Џон Кенеди – 56 милиони денари, реконструкцијата на патот Македонско-косовска бригада – 26 милиони денари и овој парк еден милион. Сето ова преведено во евра е милион и пол. Додека од општина Чаир добива приближно 15 милиони евра од даноци, а не инвестира ни 10%“, вели Висар Ганиу.
Ганиу појаснува дека поради Арсовска многу проекти стагнирале, а други воопшто не почнале, меѓу нив и долгоочекуваното проширување на булеварот „Цветан Димов“, познат како Чаирчанка. Тој бара од градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да му ги предаде ингеренциите.
„Земаме како обврска да го изградиме, тој пат е околу 8-9 милиони евра да се реализира во целост, уште еднаш велам дека е од витално значење за нас. Ќе ја преземеме таа обврска иако не менаџираме ние со таа улица, иако плаќаме даноци на некој друг, им ги кажав бројките, но сепак сум подготвен да ги преземам надлежностите, да ја стартувам улицата Чаирчанка и кога ќе се направи техничкото примопредавање ќе му ги вратиме овластувањата на Град Скопје“, порача Висар Ганиу.
Ганиу упати обвинувања и кон ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“. Тој вели дека граѓаните плаќаат по 20 милиони денари годишно за одржување на парковите, но не ја добиваат соодветната услуга.
