Арсовска на терен без градоначалникот на Гази Баба, ВМРО-ДПМНЕ се оградува од неа, Мицкоски го велеше спротивното

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Откако се разиде од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја партијата за мешање во тендери и “ставање на рачињата во медот“, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска продолжува со својата работа излегувајќи на терен за надзор на проектите. Денеска отиде на улицата “Перо Наков“ во Гази Баба. Откако се фотографираше, дури и со работниците, рече дека не сака да навлегува во политички преписки после тоа што се случи со ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска вели дека не ја интересира политиката, туку граѓаните и спречувањето на секој тип злоупотреба и саботажа. Додаде дека не смее да се изневери довербата на граѓаните која и ја довериле за водење на градот и чување на буџетот, затоа директорите кои не се придржуваат до тоа, не треба да се бранат, рече Арсовска.

Арсовска најави целосна реконструкција на улицата Перо Наков во гази Баба. На ова нејзино појавување не присуствуваше градоначалникот на оваа општина, Бобан Стефковски кој е од редовите на ВМЈРО-ДПМНЕ. Тој во изјава за СКД рече дека “не бил поканет на прес конференцијата“. Во врска со тоа, од ВМРО-ДПМНЕ несфатливи се причините зошто Стефковски не е поканет на промоција на проектот кој е поддржан од мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје. Вака, партијата одлучи од сега па натаму да се огради од неа.

„Поради немањето на соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за добробит на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата „За модерно Скопје, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвораност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска.“, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Но ваквото “целосно оградување“ на ВМРО-ДПМНЕ не се совпаѓа со изјавата на Мицкоски пред неколку дена во ТВ21.

ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција честиташе за, како што велат “новата коалиција на уценуваната Арсовска и дезертерот Ковачевски“.