Арсовска обвинува за дивоградби во Чаир – Ганиу: Мило ми е што по 3 години стапна во Чаир

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Според законот, започната е дивоградба.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, утрово излезе на терен за да провери кој гради во близина на мостот кај Бит Пазар, на територијата на Општина Чаир.

Речиси еден час, таа во живо на Facebook го пренесуваше разговорот со лице што поставуваше преносен тоалет во близина.

Арсовска тврди дека околу булеварот се гради дивоградба, а рече дека пријавата ја поднеле загрижени соседи.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, вели дека има комуникација во писмена форма со која барал Градскиот инспекторат да постапи во Општина Чаир, но, според него, не добиле никаков одговор сè до сега, кога на Арсовска конечно ѝ такнало да стапне во Чаир.

-Мило ми е што госпоѓа Арсовска по три и пол години стапна во Чаир како градоначалничка на Скопје. И вие бевте сведоци пред неколку дена дека јас навреме, имам и писмена комуникација, барав нивниот инспекторат да постапи во Чаир, но немаме добиено никаков одговор до денес, изјави Висар Ганиу, градоначалник на општина Чаир.

Додека Арсовска беше во “инспекција“ на терен, Ганиу присуствуваше на друг настан кој беше најавен уште синоќа. Арсовска во живо на Фејсбук го повика на соочување, но Ганиу рече дека таа намерно упатува такви повици кога термините се преклопуваат, а од друга страна речиси 3 години не ги повикала на состанок градоначалниците на скопските општини. Арсовска го повика, Ганиу да одреди време и место за средба. По објектот кај мостот на Бит Пазар, таа посети и други локации во Чаир за да покаже градби кои, како што тврди, немаат документација.