За време на кампањата, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ветуваше бесплатен јавен превоз за сите граѓани. Но и четири месеци откако го доби мандатот, сѐ уште не го исполни ветувањето. Од Град Скопје уверуваат дека ќе се реализира, но дека сега за сега се фокусирани на консолидирање и модернизација на ЈСП, бидејќи претходните раководите, како што велат, го довеле претпријатието во лоша финансиска состојба, а дополнителен фактор е и покачувањето на платите.
„Бесплатен јавен превоз за сите во мандатот на градоначалничката Арсовска ќе има. Ќе се направат големи напори и ќе се покаже дека со мудро менаџирање, кусење на трошоци и вистински инвестиции ќе имаме успех во нашата цел – еко бесплатен превоз за граѓаните“, велат од Град Скопје.
Јавниот превоз не е бесплатен за сите, туку од оваа недела без да платат билет ќе можат да се возат возрасните лице секој вторник, петок и за време на викенд. Директорот на ЈСП, Иван Илиевски, вели дека трошоците на компанијата бележат пораст и додава дека одлучиле да олеснат финансиски барем на една група граѓани.
Бесплатно ќе можат да се возат и средношколците, студентите од државните универзитети и лицата со попреченост. Инаку, согласно стратегијата и барањата на граѓаните пуштени се во употреба дополнителни автобуски линии, а вратени се и претходно укинатите ноќни линии.
