Австралија само го налути светскиот првак, „нули“ на Полска – Мексико и на Данска – Тунис

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

После првиот натпревар на денешниот ден, каде што се случи најголемото изненадување на Мундијалот, во следните три натпревари имаше можеби уште едно изненадување, а тоа е ремито без голови на Данска – Тунис.

Данците иако важеа за фаворити, сепак, на крајот можат да бидат и среќни со еден бод, со оглед дека Тунис ги имаше посериозните шанси, но одбраните на Шмајхел ги спасија Данците.

Без голови заврши и дуелот Полска – Мексико. И тука еден голман беше во центарот на вниманието, а тоа е мексиканскиот Гилермо Очоа кој му одбрани пенал на Левандовски во 58. минута. И Мексиканците имаа шанси, но мрежите мируваа.

Затоа мрежите не мируваа на дуелот Франција – Австралија. Французите ја покажаа својата сила и покажаа зошто се актуелни светски прваци, и победија со 4-1, после водството кое го имаше Австралија.

Гудвин ја донесе Австралија во предност, и на повидок беше ново изненадување. Меѓутоа Франција за само пет минути направи пресврт со головите на Рабио и на Жиру.

Во вториот дел Мбапе и повторно Жиру само ја направија оваа победа да биде поубедлива и актуелниот победник на Мундијалот да стартува со триумф.