Автобус удри во неколку возила во Вирџинија, загинаа пет лица, 34 повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пет лица загинаа, а 34 се повредени откако автобус удрил во шест возила на автопатот И-95 во американската сојузна држава Вирџинија, соопшти државната полиција.

Несреќата се случила околу 2:35 часот по локално време на јужната лента од автопатот И-95 во округот Стафорд, во момент кога сообраќајот се забавувал поради работи на патот.

Според првичните информации од истрагата, автобусот не успеал навреме да забави и удрил во шест возила кои се движеле пред него.

„Прелиминарната истрага покажува дека сообраќајот се забавувал поради претстојна работна зона. Автобусот не ја намалил брзината и удрил во шест возила“, соопшти полицијата.

Сите пет жртви биле патници во возилата што биле погодени од автобусот, додека тројца од повредените се наоѓаат во критична состојба.

Засега не е познато за каква намена се користел автобусот, ниту колку патници имало во него во моментот на несреќата.

Полицијата соопшти дека истрагата е во тек и дека се очекува поднесување обвиненија.

Јужните ленти на автопатот останаа затворени и седум часа по несреќата, а сообраќајот беше пренасочен.