Азбесните цевки опасност за здравјето на луѓето – колку е безбедна водата што ја пијат скопјани?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Азбест, материјал кој го има и во водоводни цевки, одамна е забранет во нашата земја поради тоа што е штетен за здравјето на граѓаните. Но, во неколку населени места сѐ уште се користат вакви водоводни цевки. Премиерот Зоран Заев, уште во 2018 година рече дека ќе се издвојат средства за отстранување на ваквите цевки.

Годините поминаа. Иако сме 2021-ва, сепак 77.965 метри азбест-цементни цевки сѐ уште се инсталирани. Оваа површина опфаќа само дел од општините во Скопје.

Општина Центар 2.180,00 метри
Општина Карпош 12.146,00 метри
Општина Кисела Вода 13. 838,00 метри
Општина Аеродром 2.873,00 метри
Општина Гази Баба 11.086,00 метри
Општина Чаир 3.463,00 метри
Општина Ѓорче Петров 4.283,00 метри
Општина Сарај 4.056,00 метри
Општина Шуто Оризари 24.040,00 метри

Нашите информации велат дека во општина Шутка, која е на само неколку километри од центарот на Скопје, има најмногу азбесни цевки.

Водата од јавната чешма во општината ја користат сите, но никој не знае дали е безбедна за пиење.
Од оваа чешма ќе земеме мостра и ќе ја испратиме на тестирање.

Од тука ќе се упатиме кон населбата Дуќанџик во Чаир, за и од таму да земеме мостра од водата.

Наташа Доковска од Здружението на новинари за човекови права, вели дека според експертите со кои разговарала, азбесните цевки се најштетни кога ќе треба да се извадат.
Процесот на нивното отстранување мора да оди по посебни правила.

Според Јавното претпријатие „Водовод и Канализација“, 7.5% од системот на цевки е од салонит. Од таму додаваат дека во нивната програма за инвестирање, секоја година се издвојува одредена сума финансиски средства кои се користат за реконструкција и замена на азбест-цементни водоводни цевки.