Падот на азербејџанскиот патнички авион на 25 декември минатата година, кој патувал од Баку за Грозни, е резултат на удар на рускиот систем за воздушна одбрана „Панцир-С“, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извори во азербејџанската влада.
Авион „Ембраер“ во сопственост на „Азербејџан ерлајнс“ се урна во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 лица.
По трагичниот инцидент, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави дека авионот е соборен од земја и дека Русија треба да ја признае одговорноста за соборувањето и јавно да му се извини на Азербејџан, земја која се смета за пријателска кон Русија. Алиев истакна дека Русија треба да покаже одговорност за да ги зачува односите меѓу двете земји.
Иако имаше сомнежи за првичните извештаи, сепак, извори од азербејџанската влада на 4. февруари потврдија дека авионот бил соборен од руски систем за воздушна одбрана Панцир-С. Според овие извори, Азербејџан поседува дел од ракета Панцир-С што е извлечена од остатоците на авионот и потврдена од меѓународни експерти.
Министерот за дигитален развој и транспорт на Азербејџан, Рашад Набиев , изјави дека анализата на сведоците и оштетувањето на трупот на авионот покажало дека причина за несреќата е надворешен удар. Тој нагласи дека со детална истрага ќе се утврди точниот вид на употребеното оружје, како и сите околности кои довеле до трагедијата.
