Зајакнување на истражниот центар, анализа на предметите и поголема поддршка за обвинителите, истражителите и стручните служби. Ова се дел од приоритетите што кандидатот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Фатон Азизи, ги претстави во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Одговарајќи на прашањето што би направил во првите 100 дена од мандатот, Азизи истакна дека најпрво би побарал средба со републичкиот јавен обвинител, на која детално би ги претставил својата програма, целите и визијата за раководење со институцијата.
„Првиот чекор би бил согледување на моменталните состојби во обвинителството, имајќи предвид дека јас сум дел од тоа обвинителство, меѓутоа не располагам со сите потребни податоци во однос на тоа кој предмет се води, во која фаза е и кои се причините поради кои евентуално некој предмет заостанувал“, изјави Азизи.
Тој посочи дека би разговарал со обвинителите за да утврди дали евентуалните застои во постапките се резултат на субјективни или објективни причини.
Како еден од најважните приоритети го издвои зајакнувањето на истражниот центар, кој, според него, е клучен за ефикасноста на обвинителството.
„Истражниот центар, со обвинителите, е главна алатка, подвижна сила и поддршка на јавниот обвинител околу подигнување на ефикасноста на тоа обвинителство“, нагласи Азизи.
Тој најави дека би ги продолжил веќе започнатите активности во институцијата, особено во борбата против тероризмот, организираниот криминал и корупцијата, но и дека би вовел стандарди за подобра внатрешна комуникација и професионална поддршка.
Азизи особено ја нагласи улогата на истражителите и стручните служби, за кои смета дека често остануваат во сенка, иако имаат суштински придонес во работата на обвинителите.
„Со нас патуваат многу луѓе кои јавноста не ги гледа зад нас. Тие се истражителите и стручната служба, кои цело време треба да ги мотивираме“, истакна Азизи.
Според него, успешното функционирање на обвинителството не зависи само од јавните обвинители, туку и од целиот професионален тим што стои зад нив.
Азизи порача дека неговата цел е институција во која обвинителите ќе имаат поддршка од раководството, а истражителите и стручните соработници ќе бидат препознаени како важен дел од борбата против организираниот криминал и корупцијата.
